24 јануари 2025

Превентивни активности на СВР Скопје

 

Одделението за превенција при СВР Скопје во општина Аеродром реализираше работна средба на којашто присуствуваа претставници од општината и командирот на ПСОН Аеродром, а стана збор за реализацијата на превентивните активности во делот на безбедноста во училиштата, особено околу зголемувањето на бројот на училишта кои ќе се вклучат во реализација на превентивните активности, со цел зголемување на безбедноста и намалување на насилството помеѓу децата. Исто така, на средбата се разговараше и за реализација на превентивни активности во делот на имотните деликти, преку зачестени средби во урбани и месни заедници во насока на подобро информирање на граѓаните, а со цел препознавање на разни видови на измами и начини на пријавување, и намалување на таквите појави.
Покрај ова, вчера претставници од Одделението за превенција во општина Кисела Вода учествуваа на јавната дебата за формирање на локален совет за унапредување на правата на детето. Согласно обврските прифатени од страна на државата, со ратификација на Конвенцијата за правата на детето , како и според домашното законодавство, општина Кисела Вода формира совет во кој се вклучени сите релевантни чинители, но и децата, во носење на програми и одлуки со цел создавање безбедни и инклузивни заедници кои се одговорни кон потребите на децата.