20 декември 2024

„Не користи пиротехнички средства“, превентивни активности на СВР Штип

Во пресрет на Новогодишните и Божиќни празници, денеска (20.12.) од страна на Отсекот за превенција при СВР Штип, во содејство  со полициски службеници од ПСОН Штип и во соработка со медицински лица на тема „Не користи пиротехнички средства“, беше реализирана превентивна активност со учениците од средното општинско училиште „Славчо Стојменски“ во Штип.

Преку соодветна видео презентација  учениците беа запознаени со штетноста од употребата на пиротехнички средства, но и за можностите со незаконската употреба истите да предизвикаат тешки и трајни телесни повреди. Учениците беа запознаени и со казнените одредби со кои се предвидува санкционирање на лицата кои употребуваат петарди и други пиротехнички средства,а им беше поделен и едукативен материјал.
Исто така денеска, полициски службеници од ПСОН Виница заедно со медицински лица во СОУ „Ванчо Прќе“ во Виница, за учениците од ова училиште одржаа едукативно предавање на тема „Петарди не, безбедност пред се“. 
Во текот на предавањето учениците беа запознаени со ризиците од употреба на пиротехнички средства по нивното здравје, пред се во поглед на повреди на екстремитетите, на очите и друго, а воедно беа информирани и за законските импликации од набавување, продажба и употребата на петарди и други пиротехнички средства.
Целта на ова предавање беше подигнување на свеста кај младите во пресрет на претстојните празници, да не купуваат и активираат пиротехнички средства.