На 14.12.2024 Одделението за превенција при СВР Скопје кај трговскиот центар „Ист Гејт“, спроведе превентивна активност по Оперативната акција „Пиротехника“. Превенцијата е најдобар начин да не настанат повреди и токму затоа Одделението за превенција веќе неколку години ја спроведува оваа кампања, со цел да се крене на повисоко ниво свеста на населението за опасноста од употребата на пиротехнички средства во овој празничен период. Секој може да биде жртва, а повредените наместо на прослава, празниците ги дочекуваат во болниците.
Притоа, на случајните минувачи им беа поделени едукативни материјали и им беше посочено дека петардите предизвикуваат стрес и интензивно чувство на вознемиреност како кај луѓето така и кај животните. Факт е дека огромен број на луѓе во светот секоја година остануваат инвалиди поради употреба на петарди, а од нив поголем дел се деца. Меѓу најчестите повреди предизвикани од ракувањето со петарди и пиротехнички средства се комплексни повреди на шаки со траен инвалидитет, изгореници на кожа, ампутации на прсти и раце, како и повреди на очите и лицето. Гледано низ призмата на бројот на повредени лица во изминатите години, петардите и сите други пиротехнички средства се главна причина за инвалидитет кај адолесцентите во новогодишниот и, воопшто, празничниот период. Имено, во овој период зачестеноста на повреди од експлозивни средства е значајно повисока во споредба со останатиот дел од годината. Според тоа, сите пиротехнички средства се класифицираат како многу опасни по животот, со директно влијание врз неговиот квалитет.
Беше потенцирано и дека Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните. Согласно Кривичниот законик, во член 396 е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што: (1) Тој кој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години; (2) Ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор.