Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со РСБСП денеска (12.12.) спроведе сообраќајна превентивна активност под мотото „Користи зимска опрема - биди одговорен возач“. Активноста беше спроведена на подрачјето на ПСОН Бит Пазар односно на улицата „Цветан Димов“. Покрај укажувањата околу важноста на почитувањето на сообраќајните правила и прописи, на возачите им беа делени и информативни летоци изработени во соработка со РСБСП.
Исто така денеска, Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со полициски службеници од ПСОН Аеродром во основните училишта „Гоце Делчев“ и „Димитар Македонски“ спроведоа превентивно едукативни предавања околу користењето на пиротехнички средства од страна на децата. Тргнувајќи од фактот дека од незаконското користење пиротехника секој може да биде жртва, а повредените наместо на прослава, празниците да ги дочекаат во операционите сали, на учениците им беа презентирани низа информации и практични искуства од користењето петарди и други пиротехнички средства. Исто така беше потенцирано и дека Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните.
Воедно, полициските службеници ги искористија предавањата да укажат и на проблематиката со врсничкото насилство и да ги запознаат учениците генерално со поимот насилство односно сите негови манифестации од кривично-прекршочен аспект.