Денеска (10.12.) Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со РСБСП спроведоа сообраќајно превентивни активности под мотото „Користи зимска опрема - Биди одговорен возач“. Активностите беа спроведени на подрачјето на ПСОН Карпош. Основна цел на проектот беше зголемување на сообраќајната култура во насока на почитување на сообраќајните правила, прописи и сигнализација, како и зајакнување на довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните. На возачите им се делеше и едукативен материјал односно летоци изработени во соработка со РСБСП.
Покрај ова, денеска Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со полициски службеници од ПО Петровец, од ПСОН Ѓорче Петров и ПО Сарај во основните општински училишта „Ристо Крле“ (Петровец), потоа во „Мирче Ацев“ како и во основните училишта „Дитуриа“ и „Емин Дураку“ спроведоа превентивно едукативни предавања на темата околу штетните последици од користењето пиротехнички средства. Притоа учениците беа запознаени со сите ризици и последици од употребата на пиротехничките средства, не само од аспект на јавниот ред и мир туку првенствено од аспект на опасности од физички и други повреди кај децата. На учениците им беше појасеното дека пиротехничките средства се класифицираат како многу опасни по животот, а воедно беше потенцирано и дека согласно Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 се предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните.