03 декември 2024

Превентивна активност на СВР Струмица

Денеска (03.12.) полициски службеници од Отсекот за превенција и Полициската станица за безбедност на сообраќајот на патиштата при СВР Струмица на неколку локации на подрачје на Струмица спроведоа превентивни активности на тема „Паркирај совесно, паркирај одговорно“. Преку делење на летоци со едукативна содржина, полициските службеници ги запознаа возачите дека неправилното паркирање е една од причините за сообраќајни несреќи во кои страдаат децата, пешаците или велосипедистите, а дополнително дека со таквиот начин на непочитување на правилата и прописите се попречува и нормалното движење на сите учесници во сообраќајот. Во разговор со возачите им беше укажано и за законските одредби кои предвидуваат санкционирање на возачите за непрописно паркираните возила.

Вчера, пак, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Струмица спроведоа едукативно предавање за учениците од деветто одделение во ООУ „Гоце Делчев“ во село Вељуса, струмичко, а на тема поврзана со заштитата од злоупотреба на пиротехнички средства.
Во непосреден разговор со учениците им беше нагласен и појаснет ризикот од употреба на пиротехнички средства, пред се по здравјето на учениците, особено од повреда на рацете, очите и други делови на телата. 
Исто така учениците беа запознаени и со законскaта регулатива според која се санкционира неовластеното набавување, продажба и употреба на пиротехнички средства на јавни места, односно дека за ова истите може да бидат прекршочно или кривично санкционирани.