Денеска (27.11.) полициски службеници при ОВР Свети Николе во соработка со Организацијата на жени од Свети Николе и Комисијата за еднакви можности при општината Свети Николе во средното општинско училиште „Кочо Рацин“ одржаа едукативна работилница пред учениците од прва година на тема – „меѓуврсничко насилство - основни појавни форми и облици и неговото влијание во животот на младата популација“.
Покрај ова, денеска и Отсекот за превенција и полициски службеници од ПС за БПС Штип на улицата „Гоце Делчев“ во Штип пред С.О.У „Коле Нехтенин” спроведоа превентивна кампања под мотото – „И јас и ти сите сме пешаци” со цел подигање на сообраќајната култура кај учесниците во сообраќајот. Притоа на граѓаните им беше укажувано за важноста на пешачките премини, како и за подигањето на севкупната безбедност во сообраќајот.
Исто така, на подрачјето на СВР Штип, денеска и од страна на полициски службеници од ПС од ОН Берово беше спроведена превентивна активност на тема – „Не користи мобилен телефон додека возиш“ на повеќе локации на подрачјето на ОВР Берово.
Целта на превентивната активност беше зајакнување и зголемување на сообраќајната култура и почитување на сообраќајните правила и прописи, а преку непосредна комуникација со учесниците во сообраќајот, пред се со возачите. Притоа, полициските службеници укажуваа на опасностите од користење на мобилен телефон за време на управување со моторно возило. Истовремено беше делен и едукативен печатен материјал изработен во соработка со РСБСП, а во насока на превенција и заштита од оваа појава во интерес на личната и на безбедноста на другите учесници во сообраќајот.