19 ноември 2024

Превентивни активности на СВР Битола

Секторот за внатрешни работи Битола денеска (19.11) реализирашe  превентивни активности под мотото - „Слави со срце, не со оружје“. Притоа, во централното подрачје на Македонски Брод, полициски службеници со месното население разговараа околу опасностите од неовластено користење огнено оружје на разни свечености, како и за казнените мерки кои се предвидени за тие што неовластено ракуваат со огнено оружје, а исто така, им беше укажано и на опасностите кои произлегуваат од користењето на пиротехнички средства. 


Дополнително, за таа цел, полициските службеници од ОВР Македонски Брод  при СВР Битола ги посетија и местата, односно локациите каде има поголеми собирања и разговараа со граѓаните, а беа поделени и летоци со едукативна содржина. Во централното градско подрачје на Битола, пак, полициските службеници од СВР Битола вчера и денеска продолжуваат со реализирањето на превентивни активности за побезбеден сообраќај во зимски услови, со акцент на поседување задолжителна опрема за зимската сезона.

Исто така, денеска, и од странa на полициски службеници од ОВР Крушево во  централното градско подрачје на Крушево беше спроведенa превентивна активност под мотото „Стави појас“. Од страна на полициските службеници, граѓаните, пред се возачите и сопатниците, беа информирани за потребата од користење на сигурносни појаси, за обврската која се однесува и на сопатниците на предните седишта и на тие што седат на задните седишта, без разлика дали се движат во населено или надвор од населено место. 
На граѓаните, полициските службеници им делеа и печатени информативни материјали изработени во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со едукативни содржини околу користењето на сигурносните појаси.

Вчера (18.11) полициски службеници од ОВР Крушево при СВР Битола во соработка со ЈП „Национални шуми“, спроведоа превентивно едукативна кампања за превенција од пожари. Едукативно превентивната активност беше спроведена на подрачјето на Крушево. Притоа, основна цел на проектот беше зголемување на безбедносната култура кај граѓаните, како и зајакнување на довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните, а во контекст на превенцијата од пожари. За време на активноста, во непосредна комуникација со граѓаните беше посочено какви се последици можат да настанат доколку не се биде внимателен. На граѓаните им беа делени и едукативни летоци изработени во соработка со ЈП„Национални шуми“.