Отсекот за превенција при СВР Битола денеска (17.10.) во Општинското основно училиште „Славко Лумбарковски“ во општина Новаци за учениците од прво, второ и трето одделение спроведе едукативна работилница на тема – „Безбедност при одење и враќање од училиште“.
На работилницата полициските службеници ги запознаа учениците со основните сообраќајни правила и прописи за нивна поголема безбедност во сообраќајот, но и со можните сообраќајните опасности и ризици на патот до училиштата и назад кон својот дом, доколку не се почитуваат прописите.
Вчера, пак, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Битола во просториите на здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ одржаа едукативно предавање за превенција од семејното насилство, при што на присутните им беше укажано дека семејното насилство и насилството врз жени и девојчиња претставуваат кривични дела за кои насилникот одговара пред надлежните институции, а жртвата добива соодветна заштита.
Полициските службеници појаснија дека секоја жртва на насилство која ќе пријави насилство ќе добие бесплатна помош и поддршка, информации за своите права и заштита обезбедена од институциите. Покрај ова, полициските службеници укажаа и за санкциите во случај на нарушување на јавниот ред и мир, како и за начините на заштита на граѓаните од кражби, дрски кражби и разбојништва. За време на активноста беше поделен и едукативен материјал.
Исто така, во текот на вчерашниот ден и ОВР Крушево реализираше превентивна активност на подрачје на Крушево посветена на поголема безбедност во сообраќајот под мото „алкохол и волан-најлоша комбинација“.