Вчера (15.10.) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Струмица реализираа едукативна работилница тематски посветена на безбедноста во сообраќајот со учениците од Основното општинско училиште „Кирил и Методиј“ во село Дабиље, струмичко.
Во рамките на предавањето, преку наменски подготвена презентација и во непосреден разговор, учениците од второ, трето и четврто одделение беа запознаени со сообраќајните правила и прописи, со основните сообраќајни поими и сообраќајни знаци и како правилно да се однесуваат како учесници во сообраќајот -како пешаци, но и кога возат велосипед или тротинет. Покрај ова, децата беа запознаени и со улогата на полициските службеници – сообраќајци, а во рамки на работилницата им беа поделени и наменски едукативни материјали изработени во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.