13 септември 2024

Превентивна активност на СВР Тетово

Во текот на вчерашниот ден (12.09.) а по повод почетокот на ловната сезона, која започнува на 15.09., полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР-Тетово остварија средба со претседателот и членовите на ловно друштво „Муфлон“ од гостиварско Трново, кој опфаќа ловна површина од ловиште кое се протега во атарот на пет гостиварски села и брои околу 80 активни членови и повеќе повремени ловџии.

На средбата се разговараше околу проблемите со кои се соочуваат ловџиите односно за криволовот, за болеста „африканска чума“ од која заболуваат дивите свињи, поради што од ресорното министерство добиле известување дека во ловниот период, ќе се врши организирано селективно ловење на дива свиња во групи не помали од 10 лица. Исто така, посебен интерес на разговор биле законските импликации во врска со нелегалниот лов.

Со оглед дека ловната сезона ќе трае до 15.01.2025 година на средбата е укажано дека ловџиите треба доследно да ги почитуваат одредбите од Законот за ловство и Законот за оружјето кои ја регулираат работата на ловните друштва, ловењето и одобрувањата, како и користењето и ракувањето со оружје.