02 септември 2024

„Безбедно од дома до училиште“, превентивна активност на СВР Велес

Денеска (02.09.) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес на подрачјето на Кавадарци реализираа превентивна активност под мотото „Безбедно од дома до училиште“, а по повод првиот училишен ден, активност што инаку е дел од пошироката кампања на македонската полиција „Безбедност во училиштата“.

Превентивните активности беа реализирани на приодите кон повеќе училишта во Кавадарци, при што на учениците им беа објаснувани значењето на хоризонталната и на вертикалната сигнализација на улиците, како и потребата од доследно почитување на сообраќајните правила со цел безбедно доаѓање и заминување од училиште и безбедно преминување преку крстосница. Исто така, на учениците им беше поделен и едукативен печатен материјал наменски изработен во соработка со РСБСП.