30 август 2024

Превентивни активности на СВР Скопје

Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата денеска (30.08.) спроведе превентивна активност под мотото „Вози одморен“ и „Не пиј додека возиш“.

Превентивната активност беше спроведена на подрачјето под надлежност на Полициското одделение Петровец, односно кај наплатната рампа „Петровец“. Основна цел на активноста е зголемување на сообраќајната култура, во насока на почитување на сообраќајните правила, прописи и сигнализација, како и зајакнување на довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните. Исто така, покрај непосредната комуникација, полициските службеници на возачите им делеа и едукативен печатен материјал, изработен во соработка со РСБСП, со важни препораки.

Инаку и вчера (29.08.) Одделението за превенција при СВР Скопје заедно со ПСОН Кисела Вода реализираа активност во делот на превенцијата, односно координативен состанок со надлежните од сектор за образование при општината Кисела Вода, како и директорите на основните училишта на подрачје на оваа скопска општина. Целта беше преземање мерки и активности за безбедно отпочнување на учебната година, како и координација за реализација на превентивни активности согласно проектот „Безбедност во училиштата“ на повеќе теми меѓу кои - „ Детски права и обврски“ , „Превенција од насилство“ , „Превенција од зависности“, „Превенција во сообраќајот“ и други теми значајни за учениците во делот на безбедноста.