Во рамките на континуираните превентивни активности на Одделението за превенција при СВР Скопје, a како дел од годишната програма за работа, денеска (24.07.2024) заедно со полициски службеници од ПСОН Гази Баба во општина Гази Баба се одржа работен состанок со релевантни претставници од општината со цел разгледување на безбедносната состојба од аспект на степенот на загрозеност на шумите од пожари и поефикасна превенција, рано предупредување и спречување на пожари на отворен простор и во шумски предели. Воедно, стана збор и за зајакнување на комуникациите и координацијата помеѓу надлежните субјекти, како и спроведување на други мерки за поефикасна заштита од пожари.
На состанокот беше одлучено да се реализира состанок на Локалниот совет за превенција за општина Гази Баба со цел интензивирање на превентивните мерки, актуелизирање на доброволните противпожарни друштва, а во насока на вклучување на сите расположливи капацитети за контрола, превентива и заштита од пожари и запознавање на граѓаните со позитивната законска регулатива .
Преку реализација на превентивни активности, како што е проектот – „Лето без пожари“, целта е дополнително да се апелира до граѓаните, особено земјоделците и другите лица кои работат или се движат на отворен простор, да не палат огнови од кои што лесно и брзо може да избувнат пожари од големи размери, предизвикувајќи значителна имотна и материјална штета. Дополнително, договорено е да се интензивира информирањето за казнените законски одредби дека предизвикувањето пожар , намерно или од невнимание, претставува кривично дело за кое сторителите се санкционираат.