24 јули 2024

СВР Куманово со превентивни активности за заштита од топлотен удар и пожари на отворено

Вчера (23.07.2024) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Куманово на Зелен пазар во Куманово, спроведоа активности за превенција на населението од топлотен удар. Покрај ова, на граѓаните, исто така, им беше укажано и на мерките кои треба да се преземат за превенирање на појавата на пожари, особено во летниот период, а меѓу препораките кои им беа дадени беа да не се пали оган на отворено, да не се палат стрништа, пасишта и сува вегетација, да не се фрлаат догорчиња и отпушоци, со што заеднички ќе придонесеме за зачувување на шумите, но и за заштита на животот и здравјето на луѓето, како и нивните имоти.

СВР Куманово потсетува дека предизвикување на пожар претставува кривично дело кое се санкционира со соодветни поднесоци и за кое е предвидена затворска казна до 8 години, согласно член 227 од Кривичниот законик, зависно од видот на пожарот, причините за неговото настанување и другите околности и последици.