23 јули 2024

Претставници на СВР Охрид на состанок со Локалниот совет за превенција заради анализирање на степенот на загрозеност од пожари во регионов

Денеска (23.07.2024), на иницијатива на СВР Охрид и локалната самоуправа во просториите на општина Охрид, состанок одржа Локалниот совет за превенција.
Целта на средбата беше анализа на степенот на загрозеност на шумите од пожари во регионов, поефикасна превенција, рано предупредување и спречување пожари на отворен простор и во шумски предели, зајакнување на комуникациите и координацијата помеѓу надлежните субјекти што стопанисуваат и управуваат со шумите и други мерки за нивна поефикасна заштита од пожари.
Според изнесените податоци, на подрачјево не се регистрирани пожари од пошироки размери во шумските појаси, а според статистиката на претставниците на СВР Охрид во првата половина од 2024 година, пријавени се 20 пожари на отворен простор на нискостеблести предели -стрништа и ниви, случени во општините Охрид и Дебрца.
Ова значи дека е зголемен бројот на пожари бидејќи споредбено со минатата 2023 година, на подрачјето на општина Охрид и Дебрца биле пријавени вкупно 20 пожари на отворен простор.
Оттука, на денешниот состанок беше одлучено да се интензивираат превентивните мерки и да се оформат посебни мобилни тимови составени од членови на надлежните служби кои, ќе вршат патролирање низ шумските појаси во Охрид и Дебрца, ќе се продолжи со мониторинг на теренот и континуирано следење на состојбите, ќе се интензивираат контактите со месните заедници и месното население, со ловните друштва.
Акцент беше ставен на значењето на доброволните противпожарни друштва и нивното значење за првично сузбивање на шумскиот пожар се до доаѓањето на професионалната Територијална противпожарна единица како и на потребата од поголем обука и опременост на членовите на доброволните противпожарните друштва кои ги има на подрачјето.
На состанокот беше заклучено дека е потребно вклучување на сите расположливи капацитети и опрема што може наменски да се користат за контрола, превентива и заштита на шумите од пожари, како и да одговори на потребите во случаи на локализирање на евентуално настанат пожар од поголем обем.
Денешниот состанок на Локалниот совет за превенција, доаѓа поради зачестените регистрирани пожари на подрачјето во кои е опожарена нискостеблеста вегетација, депонии, стрништа. Претставниците на надлежните субјекти, упатија апел до граѓаните, посебно до земјоделците и другите лица кои работат или се движат на отворен простор, да не палат огнови, од кои лесно и брзо може да избувнат пожари од големи размери и да предизвикаат значителна имотна и материјална штета.
СВР Охрид посебно ги нагласи казнените законски одредби и потсетува дека предизвикувањето пожар, намерно или од невнимание, претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни пријави.