Во рамките на континуираните превентивни активности на Одделението за превенција при СВР Скопје, a како дел од Годишната програма за работа, вчера (21.07.) беа реализирани две превентивни активности за заштита од имотни деликти и превенција од пожари.
Така, во соработка со полициски службеници од ПО Сарај на подрачјето на ЕВР Ѓорче Петров, на паркинг просторот во близина на „Кањон Матка“ беа реализирани средби со граѓани, посетители на овој излетничко-рекреативен центар, во рамки на кои што полициските службеници во директна комуникација, но и со делење летоци со едукативна содржина ги советуваа граѓаните како да се заштитат од кражби во автомобилите.
Напоредно со оваа активност, во излетничко рекреативниот центар „Кањон Матка“, полициските службеници, исто така, посветија особено внимание на разговор со граѓаните и на темата околу превенција од пожари. Полициските службеници укажуваа на потребата од внимателен и одговорен однос на секој граѓанин кон природата, особено во услови на екстремни временски услови. За време на активноста беше посочено на зачестеното палење на шумите при правење на скара, фрлање на отпушоци и воопшто опасноста од предизвикување на пожари од невнимание. Дополнително на граѓаните им беа делени едукативни летоци изработени во соработка со ЈП „Национални шуми“ со препораки во насока на подигнување на безбедносната свест.