19 јули 2024

Превентивни активности на СВР Битола за заштита од топлотен удар, сајбер булинг, тешки кражби и поголема сообраќајна безбедност


Вчера (18.07.2024) во Битола, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Битола, заедно со волонтерите од Клубот на млади при Општинската организација на Црвен крст Битола, спроведоа активности за превенција на населението од топлотен удар.
Најголемо внимание беше посветено на повозрасните лица на кои им беше поделена вода, како и корисни совети како да се заштитат при високи температури. Отсекот за превенција, исто така, во текот на вчерашниот ден во просториите на Општинска организација Црвен крст Битола одржа едукативно предавање за заштита од сајбер булинг - врсничко насилство, како и за различните форми на насилство кои се сé поприсутни кај младите.
Во делот на безбедноста во сообраќајот, полициски службеници од ОВР Ресен и ОВР Крушево реализираа превентивни активности под мотото „Користи појас“ и „Алкохол и волан - најлоша комбинација“.
Од страна на полициски службеници од ОВР Прилеп, пак, во централното градско подрачје на Прилеп беа реализирани превентивни активности во насока на поголема заштита од тешки кражби и разбојништва. За време на реализирањето на сите активности на граѓаните им беше поделен едукативен материјал.