Полициски службеници од криминалистичката полиција на СВР Битола, денеска (16.07.2024) на подрачјето на Битола ја реализираа превентивната кампања „Заштита од имотни деликти“. Целта на проектот беше поблиско запознавање на граѓаните, пред сѐ на повозрасната популација, за појавните форми на имотните деликти и измамите, најчестите начини на манифестирање на истите, и за начините на препознавање и заштита од тие кривични дела. Полициските службеници остварија комуникација со граѓаните и бизнис заедницата, при што ги потсетуваа и советуваа за неопходноста од навремена реакција и пријавување на овие дела што ќе придонесе за брзо пронаоѓање на сторителите и подобрување на општата безбедносна состојба на подрачјето.
Отсекот за превенција при СВР Битола, исто така денеска, во соработка со РСБСП спроведе сообраќајна превентивно-едукативна активност под мотото „Носи појас“, наменета за возачите. Едукативно - превентивната активност се спроведе на подрачјето на Битола при што фокусот беше ставен на зголемување на сообраќајната култура во насока на почитување на сообраќајните правила и прописи, како и зајакнување на довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните. На возачите во текот на непосредната комуникација полициските службеници им делеа едукативни материјали испечатени во соработка со РСБСП. Денеска и во рамки на ОВР Ресен беше спроведена сообраќајна превентивно-едукативна активност под мотото „Носи појас“ како и „Носи кацига“ насочена кон помладите возачи и мотоциклисти.