08 јули 2024

Превентивни активности на СВР Битола

Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Битола денеска (08.07) и вчера (07.07), на повеќе локации кои водат кон шумските предели и излетничките места, особено во близина на населени места на подрачјето на општина Новаци, реализираа превентивни активности во рамките на проектот „Заштита од пожари“, а посветени на превенцијата и мерките за заштита од шумски пожари и заштита од бесправна сеча на шуми.

Преку делење на летоци со едукативна содржина, изработени во соработка со ЈП „Национални шуми“, а во содејство со шумска полиција, како и во непосредна комуникација со граѓаните, полициските службеници укажуваа за законските санкции во поглед на предизвикувањето на пожари и во поглед на бесправното сечење на шумите, а секако и за потенцијалните штети што тие може да ги предизвикаат за животната средина и шумскиот фонд.

Покрај ова, полициските службеници од Отсекот за превенција во текот на денешниот ден, во Битола и излезите од градот со возачите на моторни возила реализираа превентивни активности под мото: „Вози одморен" и „Користи појас".