Вчера (08.06.) на подрачјето на СВР-Тетово и тоа во близина на наплатната станица Тетово како и на неколку локации на регионалниот пат Тетово – село Волковија, полициски службеници од Отсек за превенција при СВР Тетово во соодејство со претставници на Шумската полиција, спроведоа превентивна активност под мото „Пламените јазици се незапирливи“, посветена на превенцијата од шумски пожари.
При тоа на поголем број граѓани, претежно возачи, на неколку места им беа делени информативни летоци, изработени во соработка со ЈП „Национални шуми“ со содржини и совети - како да постапуваат и на што да посветат внимание доколку се движат или работат на нивите или во шумите. На граѓаните посебно им беше укажано да не фрлаат опушоци и догорчиња при возење, да не ги палат отпадоците, меѓите или стрништа на нивите или да не палат излетнички огнови на отворен простор.
Граѓаните, исто така, беа запознаени и со законските импликации предвидени за (не)намерно предизвикување пожар зависно од околностите, како и за крајните последици.