Денеска (14.04.2024) на повеќе локации во градот Струмица, потоа на магистралниот пат А4 Струмица-Ново Село и во населени места од општините Василево, Босилово и Ново Село, полициски службеници од Отсекот за превенција и Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Струмица реализираа превентивна активност под мотото „Тргни порано, вози побавно, стигни безбедно“. Оваа активност е дел од кампањата „Вози одговорно“ која Министерството за внатрешни работи ја реализира во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност.
При спроведување на оваа активност полициските службеници ги потсетуваа возачите за нивната должност да ги почитуваат правилата и прописите кои се одредени со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Исто така, со делење на летоци со едукативна содржина им укажуваа за дел од одредбите од законот кои се особено важни за безбедноста на патниот сообраќај, меѓу кои особено за задолжителното користење на светла за осветлување на патот, ограничувањата на брзината на движење на патиштата, потоа задолжително користење на сигурносен појас не само за возачот, туку и за лица кои се превезуваат во возилото, како и околу недозволеното управување на возило под дејство на алкохол. Покрај овие законски обврски, преку делење на едукативни летоци возачите беа запознаени и со санкциите предвидени за нивно непочитување.