14 март 2024

Превентивни активности на СВР Битола

Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи-Битола, денеска (14.03.) реализира превентивно-едукативна активност со ученици од основното училиште „Кирил и Методиј“ во Битола, каде што тема на спроведената едукативна работилница беше проблематиката на зависностите од дроги, а под мотото - „Кажи не на дрогата, да на животот“ како и „Стоп за врсничкото насилство-булинг".

Во рамки на работилницата, учениците беа запознати со повеќе важни аспекти од превенцијата и спречувањето на зависностите од дроги и психотропни супстанци кај младите, потоа за законските реперкусии, но и други последици што произлегуваат од користење и трговија со дрога. Исто така, учениците во присуство на педагошкиот кадар беа запознаени за видовите на насилство, при што истите беа поучени како да се справат со истото, како и каде и на кој начин да го пријават насилството со цел негово навремено спречување.

Во делот на безбедноста на сообраќајот, денеска полициски службеници од полициската станица за безбедноста на сообраќајот при СВР Битола во централното подрачје на Битола, реализираа превентивна кампања под мото „Стави појас“ каде на возачите на моторни возила им беше укажано на важноста од користење на сигурносен појас при управување на моторното возило.

Во Прилеп, пак, вчера се реализира превентивна активност за побезбеден сообраќај под мото „Паркирај совесно, паркирај одговорно“ каде на непрописно паркираните возачи им беше поделен едукативен материјал, а воедно истите беа предупредени дека се непрописно паркирани.

И полициските службеници од ОВР Ресен, вчера во градскиот пазар низ Ресен реализираа превентивна активност насочена кон поголема заштита на граѓаните од кражби, измами и разбојништва.