06 март 2024

Реализирани бројни превентивни активности на подрачјето на СВР Штип

Денеска (06.03.) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Штип, на Градскиот стадион во Штип спроведоа превентивна активност во рамки на проектот ,,МВР за граѓаните“ и „Да навиваме спортски и безбедно за нашиот клуб“. Во текот на активностите беа поделени летоци со едукативна содржина, а на граѓаните им беше укажано за забраната за внесување на алкохол, опојни средства, истакнување на транспаренти , знамиња и други предмети со текст, слики, знак или други обележја како и пеење на песни или дофрлување на пораки кои предизвикуваат и поттикнуваат омраза или насилство врз основа на расна, национална или верска припадност.

Исто така им беше укажано и за основните законски одредби за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари, како и за начините на препознавање на овие појави и потребата од навремено пријавување. Целта на активноста беше подигање на свеста кај сите граѓани за создавање на побезбедна и сигурна заедница, како и заштита на животот и имотот на граѓаните.

Покрај ова во Кочани на ул.„Теодосија Паунов“ во близина на средното општинско училиште полициски службеници од ОВР Кочани во соработка со Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и локалниот совет за превенција Кочани и ученици од училиштето, денеска спроведоа превентивна активност од областа на безбедноста на сообраќајот под мотото - „Стави појас ”.

Притоа граѓаните беа информирани за тоа која е предноста од користење на сигурносни појаси, пред се заради лична безбедност и заштита на возачот, а потоа и за другите учесници во сообраќајот. Сигурносните појаси не се наменети само за возачот, обврската се однесува и на сопатниците на предните седишта и на тие што седат на задните седишта и тоа без разлика дали се движат во населено или надвор од населено место.

Воедно граѓаните беа запознаени со законската регулатива, односно санкционирањето за некористење на појасот, при што беше поделен превентивно-едукативен материјал се со цел да се потсетат возачите за важноста од користењето на безбедносен појас за време на управување со ПМВ, како и за можните последици од повреди при сообраќајни незгоди.