04 март 2024

Реализирани бројни превентивни активности на подрачјето на СВР Битола

Денеска (04.02.2024) полициски службеници од ОВР Крушево при СВР Битола преку комуникација со граѓаните и делење флаери, во Крушево ја реализираа кампањата „МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“.

На средбите со граѓаните, полициските службеници информираа за важноста на заедничкото работење на полицијата и локалното население во насока на идентификување на проблемите, поставување на приоритетите и решавање на современите предизвици во локалната заедница, како што се криминалот и нарушувањата на јавниот ред и мир.

Како императив беше нагласено создавањето продуктивен однос меѓу полицијата и граѓаните, како и соработката со органите на локалната самоуправа, посебно со Локалните совети за превенција и Советодавните групи на граѓани со цел преку континуирано и планско работење да се превенира криминалитетот и останатите потенцијални опасности од девијантни однесувања. На средбите беше потенцирано дека ваквата взаемна соработка продуцира полиција која ја познава заедницата, а заедницата ја зголемува довербата во полициските службеници, кои ќе одговараат на потребите на граѓаните, отчетни и транспарентни во своите активности.

Како финална и главна порака од оваа кампања е дека полициското работење со заедницата значи градење на партнерство што се базира на меѓусебна доверба, а придонесува до зголемување на безбедноста во заедницата и поголема сигурност на нејзините жители.

Исто така ,на цело подрачје на СВР Битола беа реализирани низа превентивни активности во насока на побезбеден сообраќај при што на возачите им се делеа летоци со едукативна содржина изработени во соработка со РСБСП, за опасностите од користење на мобилен телефон при управување на моторно возило, алкохолот како причина за голем број сообраќајни несреќи како и неприлагодената брзина и не поседување на соодветна опрема.