Во организација на гостиварското Одделение за внатрешни работи и Отсекот за превенција на СВР Тетово денеска (31.01.) во Гостивар се спроведоа контролни превентивни активности со кои беа опфатени 20-тина автобуси и комбиња со кои се превезуваат учениците од четирите гостиварски средни училишта. Се проверуваше техничката и друга исправност на возилата, а се остварија и повеќе непосредни разговори со учениците.
Во нив, полициските службеници посебно ги запознаа учениците со законските импликации доколку се однесуваат девијантно во и надвор од училиштата и посебно доколку иницираат или учествуваат во нарушувања на јавниот ред и мир. На учениците, исто така, поблиску им беа објаснети и негативните лични и општествени последици од зависностите, предизвикување инциденти или користење говор на омраза во непосредна или комуникација на социјалните мрежи.
Целта на овие активности кои минатата недела беа спроведени и во Тетово е да се придонесе за поголема безбедност на учениците во возилата во кои се превезуваат, на училиште или надвор од училиштата, а се планира да продолжат и во наредниот период.