Секторот за внатрешни работи Битола, денеска реализираше низа превентивни активности под мотото „Слави со срце, не со оружје“. Така, во централното подрачје на Ресен, преку непосредна комуникација со граѓаните беше разговарано за опасноста од неовластено пукање со огнено оружје на разни свечености, како и за казнените мерки кои се предвидени за тие што неовластено ракуваат со огнено оружје. Дополнително, беа поделени и летоци со едукативна содржина.
Полициски службеници од ОВР Македонски Брод, пак, денеска во основното училиште „Кирил и Методиј“ во село Бучин одржаа едукативни предавања на тема „Кажи не на дрогата, да на животот“ и „Стоп за врсничкото насилство“. Во рамки на предавањето, учениците беа запознаени со законските реперкусии, но и последиците кои произлегуваат од користење и трговија со дрога. Исто така, инспекторите на учениците им укажуваа за ризиците што произлегуваат од несоодветното користење на социјалните мрежи како и нивно навремено препознавање и превенирање, како и за спречување на насилството помеѓу младите.
На подрачјето на Крушево, Битола и Прилеп полициските службеници спроведоа превентивни активности во насока на запознавање на граѓаните со забраната за користење на пиротехнички средства, такашто во централните градски подрачја реализираа средби со граѓаните на кои што укажуваа и апелираа за опасностите што настануваат од употреба на пиротехника.
Исто така, на целото подрачје на СВР Битола и денеска се спроведуваат превентивни активности за побезбеден сообраќај со акцент на забраната за конзумирање алкохол и управување на моторно возило а во пресрет на Новогодишните и Божикните празници. За време на сите активности на граѓаните им беа поделени летоци со едукативна содржина.