Во рамките на заедничката кампања на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје и Министерството за внатрешни работи денеска (25.12.) се одржаа предавања во уште четири тетовски и две гостиварски средни училишта. Полициски службеници на СВР Тетово - Отсек за превенција, во координација со лекари од споменатата Клиника, поблиску ги информираа учениците за опасностите што ги демнат доколку набавуваат и активираат петарди и други пиротехнички средства, пред се по нивното здравје, укажувајќи им и на најчестите последици (стрес, трауми или траен инвалидитет). Учениците, исто така, беа запознати и со законските импликации доколку употребуваат вакви средства на празнични или други свечености, но и воопшто, на улица, во дворови пред куќи или влезови од станбени згради.
Целта на оваа превентивно-едукативна кампања е подигнување на превентивната свест и култура на младите да се воздржат од забавување со активирање на петарди и друга пиротехника, кое често пати може да заврши и со мошне сериозни и ненадоместливи последици.