Денеска (25.12.), во општинското средно училиште „28 ноември“ во Дебар, се одржа едукативната кампања „Петарди не, безбедност пред се“. Лекар од Општата болница во Дебар и полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид и ОВР Дебар, одржаа стручни предавања на кои присуствуваа околу 150 ученици.
Притоа, беа презентирани штетните последици од употреба на пиротехнички средства по здравјето на учениците, пред се од повреди на рацете, очите и другите делови на телата. Учениците беа запознати и со законските импликации од набавување, продажба и од активирање на петарди и други пиротехнички средства на јавни места, на улица, во дворови пред објекти, во влезови на станбени згради или училишта и слично.
Тие беа информирани и за прекршочните и кривичните санкции од нелегалната употреба на пиротехнички средства. Целта на кампањата чие мото е „Петарди НЕ, безбедност пред се“ е подигнување на свеста кај младите во пресрет на празниците, да не купуваат и активираат разновидни пиротехнички средства.