22 декември 2023

Превентивни активности на СВР Штип

Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Штип, денеска (22.12.) на повеќе локации во централно градско подрачје како и на градскиот пазар во Штип спроведoa превентивно едукативна кампања на тема - “Бизнисот и безбедноста на граѓаните-Наша обврска”, којa се реализираше преку средба со вработените и сопствениците на деловни објекти, како и со граѓаните, на кои им беа давани совети за заштита од имотни деликти-разбојничка кражба, разбојништво, дрска кражба и други кривични дела, при што посебно им беше потенцирана неопходноста од соработка и навремена комуникација со полицијата пред се преку точно и брзо пријавување на бесплатните телефонски броеви 112 и 192, а беа поделени и летоци со едукативна содржина.

Во Пробиштип, Берово и Пехчево, пак, односно во основните училишта „Никола Карев”, „Дедо Иљо Малешевски“ и „Ванчо Китанов“ во село Црник, пехчевско, денеска полициски службеници од ОВР Пробиштип, ОВР Берово и ПК Пехчево, во рамки на кампањата - „Петарди НЕ- безбедност пред се” како и во врска со темата за „Насилството меѓу младите и решавање на конфликти” одржаа едукативни работилници.

Во рамки на предавањата на децата им беа презентирани ризиците и последиците од употребата на пиротехнички средства, особено околу последиците што може да настанат по нивното здравје, а беа информирани и за законската регулатива во однос на неовластеното користење и употреба на пиротехнички средства.