22 декември 2023

„Петарди НЕ – безбедност пред се“, превентивни активности на СВР Битола и Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија

Денеска (22.12.) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Битола, односно во во Битола и во Крушево се реализираа превентивни активности првенствено фокусирани на учениците, со цел да се спречи употребата на пиротехнички средства во пресрет и за време на претстојните празници. Во рамки на тие активности од превентивниот проект - „Петарди НЕ, безбедност пред се“, беа посетени битолските средни училишта: медицинското училиште „Др. Јован Калаузи“, гимназијата „Јосип Броз Тито“, економското училиште „Јане Сандански“, потоа гимназијата „Таки Даскалот“ и крушевското средно училиште „Наум Наумовски Борче“. Лекари од скопската клиника за пластична и реконструктивна хирургија во содејство и координација со полициски службеници од Отсекот за превенција и полициските станици од општа надлежност при СВР Битола одржаа стручни предавања на кои посебно беше нагласен ризикот од употреба на пиротехнички средства по здравјето на луѓето, пред се од повреди на рацете, очите и другите делови на телото.

Покрај ова, учениците поблиску беа запознати и со законските импликации од набавување, продажба и од активирање на петарди и други пиротехнички средства. Тие беа информирани и дека продажбата и активирањето на вакви пиротехнички средства, покрај прекршочно може да се санкционира и со кривични пријави, зависно од околностите и крајните последици.