22 декември 2023

Превентивни активности на СВР Тетово

Во организација на Отсекот за превенција на Секторот за внатрешни работи Тетово неделава на тетовско-гостиварското подрачје се одржаа состаноци на десетина советодавни групи на граѓани. На состаноците посебно им беше укажано граѓаните да се воздржат од набавување, купување и активирање на пиротехнички средства или огнено оружје на празнични или семејни свечености. Притоа, тие беа поблиску информирани и за законските последици доколку поединци не се придржуваат на постојната регулатива од прекршочна или кривична природа. На состаноците, исто така, стана збор и за сообраќајната безбедност деновиве на патиштата во регионот, при што на присутните им беше напоменато дека нема да се толерира никакво пребрзо возење во или надвор од населените места, ниту управување без возачки дозволи, под дејство на алкохол или на технички неисправни возила. Ова, дотолку повеќе што на подрачјето веќе се чувствува зголемена сообраќајна динамика, како резултат на далеку поголемиот број возила кои се движат по патиштата споредено со претходно.

Се расправаше и за вкупната безбедносна состојба на подрачјето и пред се во делот на јавниот ред и мир, додека идната недела вакви состаноци се планирани со уште десетина други советодавни групи на граѓани од подрачјето.