Под мотото „Голомразицата и снегот предизвик за учесниците во сообраќајот", денеска (17 декември) на тетовското подрачје беше спроведена превентивно - едукативна активност во рамките на проектот „Биди одговорен возач, користи зимска опрема". На два пункта, во близина на тетовските села Брвеница и Лешок, полициски службеници од Отсекот за превенција во содејство и координација со полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово, во непосреден разговор ги информираа возачите за повеќе нивни обврски во зимскиот период. Притоа, посебно им беше укажано задолжително да ја користат законски предвидената опрема, да ја прилагодат брзината според условите на патот и да не седнуваат зад управувач под дејство на алкохол. На возачите, исто така, им беше советувано да ја проверат техничката исправност на возилата, пред се на сопирачките и уредите за управување. Покрај тоа, на возачите им се поделија и наменски изработени летоци од МВР, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност-Скопје, како и отстранувачи на мраз од ветробранското стакла и освежувачи на воздухот во возилата.
Целта на денешната и на минатонеделната активност во Гостивар е подигнување на сообраќајната свест и култура во пресрет на настапувањето на зимските месеци и значително зголемената сообраќајна фрекфенција на тетовско-гостиварското подрачје, која посебно ќе дојде до израз во втората половина на овој и првата на идниот месец.