15 декември 2023

Превентивни активности на СВР Куманово

Денеска (15.12) полициските службеници од Отсек за превенција при СВР Куманово во пресрет на новогодишните празници реализираа превентивна активност со учениците од основно општинско училиште „Браќа Рибар“. Во просториите на СВР Куманово на учениците им беше прикажана презентација, поврзана со штетноста и казнивоста од употреба на петарди, а потоа учениците изработија новогодишни честитки кои заедно со полициските службеници ги поделија на градскиот плоштад во Куманово.

Исто така, денеска (15.12.), полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Куманово одржаа едукативна работилница во ООУ „Вук Караџиќ“ во Куманово на тема „Стоп за говорот на омраза“. Во непосреден разговор учениците беа запознаени што е говор на омраза, каде се среќава, како да препознаат говор на омраза, последиците кои настануваат доколку се употребува говор на омраза и како да ги надминат предрасудите и стереотипите кои најчесто предизвикуваат говор на омраза, нетолеранција и дискриминација. Исто така, учениците беа информирани и за законските санкции доколку употребуваат говор на омраза кон друг, како и за законски последици при насилно навивање на натпревари, дрско однесување, кршење на инвентар, предизвикување на тепачки и нарушување на јавниот ред и мир.

Од страна на полициските служебници на учениците им беа поделени и печатени едукативни материјали изработени во соработка со Мисијата на ОБСЕ.