10 декември 2023

„Биди одговорен возач, користи зимска опрема“ - превентивна активност во Гостивар

Денеска (10.12.2023) во Гостивар беше реализирана превентивно-едукативна активност „Биди одговорен возач, користи зимска опрема“, чии носители беа Отсекот за превенција и Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гостивар.

На пункт поставен во непосредна близина на наплатната станица Гостивар, полициските службеници во разговор со поголем број возачи им укажуваа на потребата од внимателно возење и прилагодување на брзината според условите на патот. Покрај тоа, возачите беа советувани задолжително да ја поседуваат и носат во возилата и на возилата законски предвидената зимска опрема, особено ако патуваат кон Стража и Маврово.

Возачите добија и други корисни практични совети околу чистење на стаклата на возилата, користење на антифриз и проверка на маслото во возилата. Во рамките на оваа активност на возачите им беа поделени и наменски изработени летоци од МВР, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност-Скопје, со низа корисни информации во нив за однесување на возачите во зимски услови.

Ваква активност идната недела планирана е и на тетовското подрачје. Целта на активноста е подигнување на сообраќајната свест и култура на возачите за непречено и безбедно движење по патиштата во зимскиот период.