10 ноември 2023

ПЕТАРДИ НЕ – БЕЗБЕДНОСТ ПРЕД СÈ



ВАЖНО: петардите се опасни и воопшто не се „кул“

 

    • Во светот годишно се бележат голем број пожари, експлозии, повреди и смртни последици предизвикани од неовластено ракување со петарди и пиротехнички средства. Петардите предизвикуваат стрес, интензивно чувство на страв и вознемиреност, а можат да предизвикаат и срцев удар.

    • Да не го заборавиме податокот дека над 150.000 луѓе во светот секоја година остануваат инвалиди поради употреба на петарди, а од нив 80 отсто се деца. Загрижувачки факт е што речиси половината од повредените деца при ракување со  петарди се деца под 16 години, а машките се трипати почести жртви од девојчињата.

    • Меѓу најчестите повреди предизвикани од ракувањето со петарди и пиротехнички средства се комплексни повреди на шаки со траен инвалидитет, изгореници на кожа, ампутации на прсти и раце, како и повреди на очите и лицето.

    • Старите и болни луѓе, со хронични болести и нарушено срцево здравје, лошо го поднесуваат ненадејниот силен звук на петардите и пиротехничките средства; за нив тоа предизвикува дополнителен стрес на организмот.

    • Пиротехничките средства и петардите го загрозуваат животот на живите суштества, како што се птиците, кои се неодминлив дел на целокупниот еко системот.  Кај домашните миленици, пак, сетилото за слух е многу почувствително одошто кај луѓето, па ненадејните пукања од петардите и пиротехничките средства ги доживуваат како шок, кој може да има и фатални последици.

За ПЕТАРДИТЕ - од медицински аспект, во соработка со Универзитетска клиника за пластична и реконструктивна хирургија


Не дозволувајте употребата на петарди да ви ги уништи новогодишните празници и вашата иднина. Поради некоја чудна причина луѓето ширум светот сметаат дека најдобар начин да се одбележат важните празници, да се прослави доаѓањето на Новата година, е со користење пиротехнички средства. Во основа, огнометот е мала пиротехничка ракета што експлодира на многу специфичен начин, создавајќи силни експлозии и изливи на светло обоена светлина. Но, сите тие експлозии со брилијантно обоени нијанси може да бидат и причина за почеток на неволјите. Повеќето од нас се свесни дека нивната употреба е опасна, односно или познаваме некого или сме слушнале за некој што завршил во болница, како итен случај поради повреди настанати од користење петарди.

Понесени од празничната еуфорија овие настрадани пациенти се обидувале преку  импровизaција да добијат поголема експлозија. Од таа експлозија под притисок се добиваат сериозни „blast“ - повреди што зафаќаат повеќе органски системи. Овие пациенти се здобиваат со изгореници од тежок степен, фрактури на коските, дефекти на кожата, односно со екстензивни повреди што се животозагрозувачки.

Гледано низ призмата на бројот на повредени лица во изминативе години, петардите и сите други пиротехнички средства се главна причина за инвалидитет кај адолесцентите во новогодишниот и, воопшто, празничниот период. Имено, во овој период зачестеноста на повреди од експлозивни средства е значајно повисока во споредба со останатиот дел од годината. Според тоа, сите пиротехнички средства ги класифицираме како многу опасни по животот, со директно влијание врз неговиот квалитет.

Секако, превенцијата е најдобар начин да не настанат овие повреди. Откако ќе се случи повредата, последователно - текот на настаните е неизвесен. Веќе неколку години ја спроведуваме оваа кампања, поради тоа што сакаме да ја кренеме свеста на населението за опасноста од употребата на пиротехнички средства во овој празничен период. Секој може да биде жртва, а повредените пациенти наместо на прослава, празниците ги дочекуваат во операционите сали на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

Уште поголем предизвик за нас, пластичните хирурзи, е што се занимаваме со третман на повреди, аномалии, компликации по повреди токму на овој најсовршен дел од нашето тело - шаката. Хирургијата на шака е дел од пластичната и реконструктивна хирургија и кога ќе погледнеме подетално во оваа област, всушност, тука влегуваат речиси сите процедури од пластичната и реконструктивната хирургија - реконструктивни техники за репарација на тетиви, микрохируршки техники за анастомози на крвни садови, микрохируршки процедури за реконструкција на нерви, реконструктивни техники за покривање на кожни дефекти.

Од користењето петарди најчесто страдаат шаките. За да настане повредата, доволни се неколку секунди, а последиците, за жал, се трајни. Хендикепот од овие повреди може да биде доживотен и да има решавачки последици за понатамошното  физичко и психичко здравје на пациентот, секојдневниот живот, како и при изборот на кариера.



             Реални слики од повреди настанати од употреба на петарди и пиротехника





    Не дозволувајте никојгаш до дојде до ова. Петарди НЕ - Безбедност пред СÈ


Од чисто анатомска гледна точка, шаката е комплексен дел од телотo составен од 27 коски, 24 мускули и 32 зглоба што, кога работат синхронизирано, ни овозможуваат да работиме и да се изразуваме. Бидејќи шаката е способна да ги декодира и да ги врати информациите до мозокот што не се перцепирани од другите телесни сетила, шаката, исто така, може да ни помогне да гледаме, слушаме и да зборуваме.

Во суштина, не постои ниеден друг дел од човечкото тело што толку интимно е поврзан со човечкото однесување. Со нашите раце работиме, играме, сакаме, лекуваме, учиме, комуницираме, ги изразуваме нашите чувства и даваме придонес во општеството во форма на уметност, музика, литература и спорт.

Честитајте ги празниците со честитка, а не со петарда!

Среќни и безбедни новогодишни празници!


Експлозиите од петардите и пиротехничките средства се траума за лицата со попреченост

Силниот звук што го предизвикуваат експлозиите на петардите и другите пиротехнички средства можат да создадат разни видови трауми кај децата со аутизам и други видови попреченост. Вознемиреност, агресија, страв, напади, испади се само дел од траумите што се среќаваат кај овие лица при секоја експлозија на пиротехниката, предупредуваат стручните лица. А токму овој период пред новогодишните празници, кога употребата на пиротехниката е зачестена, за лицата со попреченост е најтрауматичниот период од годината.


Но, употребата на пиротехниката не им создава проблем само на лицата со попреченост. Тој проблем го чувствуваат и родителите и семејствата на овие лица кои мораат да секојдневно да се справуваат со овој проблем.

При вакви силни дразби, звучни или светлосни, некои лица реагираат со паничен напад, се јавува општа вознемиреност, агресивно однесување и автоагресивни испади. Лицата ги затвораат ушите, се јавуваат и стереотипни движења, повторувачки фрази, нарушен сон, нарушена дневна рутина, која пак, е многу значајна за функционирање на лицата со аутизам и со сензорни пореметувања. Токму затоа, за време на празниците лицата со аутизам најчесто се затворени дома, за да се заштитат од овие силни и непредвидливи дразби. Но, истовремено страдаат и нивните семејства, поради што новогодишните празници им стануваат ноќна мора, па наместо празниците да носат радост во сечиј дом, во овие семејства носат солзи, немир и користење на средства за смирување..

Петардите и огноментите предизвикуваат стрес и смртност кај кучињата и мачките

Петардите се составен дел од новогодишните прослави, но тие не само што се опасни за луѓето, туку предизвикуваат стрес и кај домашните миленици. Истражувањата покажуваат дека дури 5.000 кучиња и мачки годишно умираат од стрес предизвикан од пукањето петарди и од звукот на огнометите.

Стравот предизвикан од звуците на петардите и останатите пиротехнички средства кај кучињата и мачките се вика помпофобија. Домашните миленици природно имаат поразвиен слух за разлика од луѓето и затоа ваквите гласни звуци ги доживуваат многу поинтензивно отколку луѓето. Оттука, петардите и огнометите кои се дел од новогодишните прослави можат да бидат страшно искуство за нив. Истражувањата покажуваат дека дури 49 проценти од кучињата имаат страв од силни звуци, а само четири проценти од нив успеваат да закрепнат по вакво искуство самите од себе.

Домашните миленици го манифестираат стравот најчесто со вознемиреност, лаење, цвилење и панично трчање, но неретко го гребат и мебелот, неконтролирано вршат нужда и се обидуваат да се скријат. Кога се исплашени, ушите им се поставени наназад, погледот им е вџашен, се тресат, забрзано дишат и имаат зголемена саливација – лигавење, намален апетит и паника.


Казни од 200 до 500 евра, пријави продажба на петарди и пиротехника на 192

Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните.

 Секоја година МВР  прави и едукативни кампањи за опасностите од користењето на петарди и пиротехника


Заппленети петарди од нелегална продажба

Согласно Кривичниот законик, во член 396 е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што:


(1) Тој кој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години;


(2) Ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор.