Во рамките на континуираните превентивни активности на Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, како дел од годишната програма за работа, на 08.12.2023 година во непосредна близина на наплатната рампа „Глумово“ преземени се едукативни превентивни активности од областа на сообраќајот.
Согласно кампањата „Вози безбедно во зимски услови – носи зимска опрема“, во непосреден разговор со возачите и делење летоци со едукативна содржина, Одделението за превенција при СВР Скопје ги информираше учесниците во сообраќајот што се подразбира под зимска опрема, а беше истакната и потребата од нивно внимателно управување со возилата не само во време на снежни врнежи, туку и во период на ниски температури и појава на голомразица на коловозот.
Воедно, возачите беа потсетени дека при секое констатирано непостапување по оваа законска обврска, ќе им бидат издавани прекршочни платни налози согласно член 361 став 4 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кој е пропишана глоба за ваквите прекршоци во висина од 45 евра.
СВР Скопје апелира до сите возачи да ги почитуваат законските прописи и поставената сообраќајна сигнализација, посебно во зимски услови, при замрзнати и влажни коловози, да ја намалат брзината на движење и да го прилагодат возењето на условите на патот, да држат безбедно растојание, да избегнуваат нагло запирање или забрзување на возилото, сѐ со цел нивна безбедност и безбедност на другите учесници во сообраќајот.