Полициски службеници од СВР Битола денеска (01.12), како и во текот на вчерашниот ден, во соработка со oпштинските организации на Црвениот Крст во Битола и Крушево, потоа со ТТПЕ како и преставници од ЦУК, во Државното музичко училиште „Тодор Проески“ во Битола и средното општинско училиште „Наум Наумовски Борче“ во Крушево учествуваа во организација и презентација на симулациони вежби во итна ситуација со претходно подготвено сценарио за пожар и земјотрес. На вежбата учениците имаа можност практично да ги видат мерките за заштита и спасување при посочените видови на непогоди.
Напоредно со ова, на подрачје на Битола и Прилеп, исто така од страна на Отсекот за превенција, ОКП и инспектори од компјутерски криминал при СВР Битола, како и полициски службеници од ОВР Прилеп денеска реализираа превентивно-едукативна активност посветена на основците и учениците од средните училишта.
Притоа, во основното училиште „Ѓорги Сугарев“ во Битола со ученици од осмо и деветто одделение и во средното училиште „Ристе Ристески Ричко“ во Прилеп спроведоа едукативни предавања на тема „Кажи не на дрогата, да на животот“ и „Стоп за врсничкото насилство“. Во рамки на предавањето, учениците беа запознаени со законските реперкусии, но и последиците кои произлегуваат од користење и трговија со дрога.
Исто така, инспекторите на учениците им укажуваа за ризиците што произлегуваат од несоодветното користење на социјалните мрежи како и нивно навремено препознавање и превенирање, како и за спречување на насилството помеѓу младите.