На 16.11.2023 полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје реализираа три едукативни работилници. Две на тема врсничко насилство и сајбер булинг со учениците од основното училиште „Владо Тасевски“ во Скопје и основното училиште „Браќа Миладиновци" во с. Миладиновци, а една на тема превенција од зависности во основното училиште „Коле Неделковски" во Скопје.
Притоа, на работилниците посветени на превенција од врсничкото насилство конципирани како интерактивна комуникација со учениците, беа презентирани различните форми и механизми за заштита од насилството во и вон училиштата, како и околу сајбер булингот преку социјалните мрежи. Основната цел на едукативните работилници беше подобрувањето на личната и на севкупната безбедност на учениците во образовно – воспитните установи, како и благовремено превенирање на сите облици и видови на насилство помеѓу учениците. На учениците им беа презентирани и законските последици што ги носи со себе насилничкото поведение.
Во основното училиште ,,Коле Неделковски" пак, учениците беа информирани за штетните последици од употребата на дрога и негативното влијание кое опијатите и психотропните супстанци го имаат врз младите. На едукативното предавање стана збор и за важноста на превенцијата, во поглед на правовремено детектирање на проблемите, со цел заштита на децата од овие девијантни појави.