22 октомври 2023

„Не оставајте вредни предмети во вашиот автомобил“ – превенција од имотни деликти на подрачјето на Матка

Денеска (22.10.2023) во рамки на континуираните превентивни активности на Одделението за превенција при СВР Скопје, како дел од годишната програма за работа, реализирана е превентивна активност во врска со спречување и намалување на кривичните дела поврзани со имотни деликти, во насока на зголемување на нивото на самозаштита и поголема безбедносна култура кај граѓаните посебно за „тешки кражби од моторни возила“.
Во заедничка соработка на СВР Скопје и Полициско одделение Сарај организирани се превентивни активности на подрачјето на ЕВР Ѓорче Петров, каде од страна на инспектори од Одделението за превенција и полициски службеници од ПО Сарај на паркинг просторот во близина на излетничко-туристичкиот центар „Кањон Матка“ остварени се средби со граѓаните кои денеска ја посетија Матка.
Нив им беа поделени летоци со едукативна содржина со порака „Не оставајте вредни предмети во вашиот автомобил“ и непосредно им беше укажано што подразбира превентивното однесување со цел подигнување на свесноста кај граѓаните за да не станат жртви на тешки кражби од нивните моторни возила. Притоа, беа советувани да не оставаат вредни предмети, како разни торби, лаптопи, ранци, паричници и сл. кога ги паркираат нивните моторни возила, бидејќи многу лесно можат на тој начин да станат цел на тешка кражба во нивното моторно возило.