Секторот за внатрешни работи Тетово денеска (17.10) започна со практична имплементација на превентивно-едукативниот проект „Стоп на говорот на омраза“, чиј носител е Отсекот за превенција. Со овој проект, што инаку се реализира петта година по ред, вкупно ќе бидат опфатени над 2500 ученици од гостиварските и тетовските средни училишта, а првите предавања беа одржани во Средното медицинско училиште во Гостивар.
Полициски службеници на СВР Тетово на посебен час поблиску ги запознаа учениците со формите и начините на кои се манифестира говорот на омраза, претежно преку социјалните мрежи или во директен контакт со други врсници или повозрасни од нив. Учениците, исто така, беа информирани и за законските импликации за говор на омраза, посебно за оние форми на ваков говор кои во крајна линија предизвикуваат национална, верска или друга нетрпеливост, а кои се темелат на поединечни или групни предрасуди, стереотипи или други општествено негативни состојби и појави. Вакви предавања идната недела планирани се и во тетовските средни училишта. Основа цел на проектот е учениците-адолесценти да ги согледаат негативните страни на говорот на омраза и да се воздржат од практикување на истиот, најчесто преку социјалните мрежи, зашто тој може да предизвика други несакани последици.