05 октомври 2023

Реализирани бројни превентивни активности во рамки на СВР Битола

Денеска (05.10.2023г) од страна на полициските службеници од ОВР Крушево при СВР Битола, беше спроведена едукативна работилница во Основното училиште „Кирил и Методиј“ во село Бучин на тема „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, како дел од превентивниот проект „Безбедно од дома до училиште“.

Eдукативната работилница беше спроведена со ученици од прво одделение од училиштето на кои им беше одржана соодветна наменски подготвена презентација за значењето на сообраќајните знаци, за хоризонталната и вертикалната сообраќајна сигнализација, како и за правилата за преминување преку раскрсница, а со цел заштита на децата како најранлива категорија во сообраќајот.
На учениците им беше поделен соодветен едукативен печатен материјал, а беше и одржана трка под мото „Трчај до победа“.

Во Демир Хисар и Ресен пак полициските службеници од ОВР Демир Хисар и ОВР Ресен реализираа превентивна активност во насока на заштита на шумите од пожари и бесправна сеча, при што граѓаните беа информирани околу законските санкции со коишто може да се соочат во поглед на неодговорното и незаконско однесување.