Денеска (30.09.2023) преку директна комуникација со граѓаните и делење летоци, Отсекот за превенција на СВР Штип заедно со полициски службеници од ОВР Пробиштип во Пробиштип ја реализираа кампањата „МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“. На средбите со граѓаните, полициските службеници информираа за важноста на заедничкото работење на полицијата и локалното население во насока на идентификување на проблемите, поставување на приоритетите и решавање на современите предизвици во локалната заедница, како што се криминалот и нарушувањата на јавниот ред и мир. Создавањето продуктивен однос меѓу полицијата и граѓаните, како и соработката со органите на локалната самоуправа, посебно со Локалните совети за превенција и Советодавните групи на граѓани е неопходна, со цел преку континуирано и планско работење да се превенира криминалитетот и останатите потенцијални опасности од девијантни однесувања. На средбите беше потенцирано дека ваквата взаемна соработка продуцира полиција која ја познава заедницата, а заедницата ја зголемува довербата во полициските службеници, кои ќе одговараат на потребите на граѓаните, отчетни и транспарентни во своите активности. Како финална и главна порака од оваа кампања е дека полициското работење со заедницата значи градење на партнерство што се базира на меѓусебна доверба, а придонесува до зголемување на безбедноста во заедницата и поголема сигурност на нејзините жители.