28 септември 2023

Превентивна активност на СВР Тетово

Денеска (28.09.) во Тетово полициски службеници од СВР Тетово одржаа средба со директорите на шесте тетовски средни училишта, потоа одговорните за образование во тетовската локална самоуправа, како и претставници од советите на родители. На состанокот кој претставува планирана активност на Секторот во рамки на превентивните активности за непречено и безбедно одвивање на наставата во овие училишта, но и за поединечна и заедничка безбедност на учениците надвор од училиштата, беше оценето дека учебната година започнала без безбедносни инциденти или други проблеми од таква природа и карактер. Директорите на училиштата искажаа позитивни оценки за досегашната соработка и присуство на полицијата во насока на покривање на објектите, како и на местата на кои најчесто престојуваат учениците во текот на училишните одмори или по завршување на наставата.

Од претставниците на СВР Тетово беше побарана и редовна двонасочна соработка со советите на родители во детектирањето и третирањето на евентуалните девијантни појави меѓу учениците во училиштата, пред се кога станува збор за користење на наркотични средства, врсничко насилство и слично. Ваква средба која беше иницирана од Отсекот за превенција на СВР Тетово идната недела планирана е да се одржи и во Гостивар, со цел координирано да се следат состојбите во училиштата и да се преземаат потребните превентивни и други мерки, а се во интерес на безбедни училишни средини и безбедност на самите ученици.