26 септември 2023

„Не зборувај на мобилен додека возиш“, превентивна активност на ОВР Делчево

Денеска (26.09.) полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Делчево, на повеќе локации во Делчево реализираа превентивна активност од областа на сообраќајната безбедност „Не зборувај на мобилен додека возиш“.

Притоа, од страна на полициските службеници во непосредна комуникација со возачите им беше појаснета законската регулатива околу обврската која ја имаат како возачи - да не употребуваат мобилен телефон додека управуваат моторно возилo бидејќи со тоа ја загрозуваат сопствената безбедност, безбедноста на сопатниците, но и на другите учесници во сообраќајот. Воедно на граѓаните им беа делени едукативни материјали со информативна содржина изработени во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, а со цел подигање на свеста кај возачите за почитување на законските правила и прописи.