22 септември 2023

Превентивни активности на СВР Штип

Денеска, (22.09.) на локации околу Градскиот пазар во Штип, од страна на полициски службеници од Отсек за превенција при СВР Штип, во соодејство со полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност Штип, беше спроведена превентивна активност за заштита од кражби. Во текот на активностите граѓаните беа запознати со мерките за заштита и им беа дадени низа корисни совети од областа на имотни деликти (разбојничка кражба, разбојништво, дрска кражба и слично), при што особено беше потенцирана неопходноста од соработка и навремена комуникација со полицијата во интерес на благовремено расчистување на таквите случаи. Воедно, на граѓаните им беа делени летоци со едукативна содржина.

Покрај ова, денеска од страна на полициски службеници од ОВР Кочани во основното училиште „Синиша Стоилов“ во село Зрновци, кочанско, беше одржана едукативна работилница на тема – „Безбедно пристигнување на училиште“. На учениците од прво и второ одделение полициските службеници им ги презентираа основните сообраќајните правила и прописи важни за пешаците, пред се запознавање со хоризонтална и вертикална сигнализација се со цел за безбедно да пристигнат до своите училишта и безбедно да си заминат. Ученици од четвртите и петите одделенија од ова основно училиште, со возење на велосипеди во училишниот двор, ја одбележаа „Европската недела на мобилност“.

Исто така, во текот на денов полициски службеници од ОВР Свети Николе, реализираа едукативно предавање во гимназијата, „Кочо Рацин“ во Свети Николе а на тема - „Наркоманијата и алкохолизмот и нивното влијание во периодот на адолесценција“. Притоа, преку наменски подготвена видео презентација на средношколците им беа објаснети видовите асоцијални и девијатни појави што се јавуваат како последици од зависностите, се зборуваше за причините за појава на истите, како и за нивното влијание врз животот на младите. Воедно, беа презентирани низа практични примери за врската меѓу зависностите и криминалните појави, и секако беа објаснети и начините за нивно спречување и промовирање на позитивните вредности.