20 септември 2023

Исправноста на земјоделската механизација, бесправната сеча и безбедноста на пешаците - теми на превентивните активности во ресенско

Денеска (20.09.2023) на подрачјето на Ресен и ресенско полициски службеници од Полициското одделение за безбедност во сообраќајот од ОВР Ресен при Секторот за внатрешни работи Битола спроведоа превентивна кампања под мотото - „Безбедно возење на трактор и земјоделски машини“.

Во рамки на активноста, полициските службеници разговараа со сопствениците за земјоделска механизација при што на тракторите и земјоделските машини беа поставувани и флуоресцентни лепенки за поголема видливост. Исто така, со лицата што управуваат земјоделска механизација беше разговарано за важноста од исправноста на механизацијата вклучена во сообраќајот.

Вчера, пак, во централното подрачје на Ресен, полициските службеници од ОВР Ресен реализираа превентивна активност во насока на побезбеден сообраќај на тема „И јас и ти сме пешаци“ којашто имаше за цел укажување на клучните фактори за безбедноста на најранливата категорија на учесници во сообраќајот – пешаците, особено повозрасните лица. На граѓаните им беа поделени печатени едукативни материјали со препораки за безбедно учество во сообраќајот како пешаци и зголемена будност при преминување на улица, а низ непосредна комуникација им беа давани корисни совети. На возачите им беше сугерирано дека треба да им даваат предност на пешаците, односно целосно да ги почитуваат сообраќајните правила.

Воедно, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР Ресен во текот на вчерашниот ден реализираше превентивни активност на тема „Сечењето шума е криминал", при што во разговор со жителите на Ресен и ресенско беше укажувано на важноста од чување на нашите шуми од пожари и бесправна сеча при што им беше поделен и едукативен рекламен материјал.