Денеска (13.09.) полициски службеници од Одделенијата за внатрешни работи Демир Хисар, Ресен и Македонски Брод, при СВР Битола, во основните училишта „Гоце Делчев“ во Демир Хисар, „Мите Богоевски“ во Ресен и „Климент Охридски“ во Македонски Брод реализираа едукативно предавање од областа на сообраќајот во рамки на проектот „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Во текот на предавањето полициските службеници ги запознаа децата со основните сообраќајни правила и прописи, за важноста од нивно почитување, за тоа како да се однесуваат како учесници во сообраќајот, како пешаци, а исто така на што да внимаваат кога возат тротинет или велосипед. На децата им беше појаснето значењето и важноста на хоризонталната и светлосната сигнализација, и секако задачите и обврските на еден униформиран полициски службеник – сообраќаец.
Полициските службеници и практично на децата им ги презентираа овие правила и прописи, а воедно им поделија и едукативни летоци.
Во Прилеп полициските службеници од ОВР Прилеп реализираа превентивна активност исто така од областа на безбедноста во сообраќајот, а под мотото „Стави појас“, каде на возачите на моторни возила им беше потенцирана улогата и важноста од користењето на заштитниот појас при управување со моторното возило.
Полициски службеници, пак, од ОВР Крушево во рамки на оперативниот план на МВР „Безбедно лето 2023“ реализира превентивни активности под мотото „Слави со срце, не со оружје" . Така, во централното подрачје на Крушево со месното население беше разговарано за опасноста од неовластено пукање со огнено оружје на разни свечености, како и за законските последици при употреба на истото. За таа цел дополнително на граѓаните им беа поделени и летоци со едукативна содржина.