06 септември 2023

Превентивни активности на СВР Битола

Полициски службеници од ОВР Крушево при СВР Битола денеска (06.09) во Крушево спроведоа превентивна активност од областа на сообраќајот. Тие во основните училишта во Крушево ги посетија првооделенците и одржаа едукативна работилница во рамките на проектот „Безбедно во сообраќајот“, и „Безбедно од дома до училиште и назад“. Притоа, учениците беа запознаени со основните правила во сообраќајот. Во рамките на активноста, првооделенците заедно со полициските службеници преминуваа безбедно на пешачки премин, се со цел истите практично да се запознаат со ова правило. Исти активности во текот на денешниот ден полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Битола реализираа и во основни училишта во Битола, Ресен, Демир Хисар, Македонски Брод и Прилеп, и тие ќе продолжат и во наредните денови.

Вчера пак, полициски службеници од ОВР Ресен и ОВР Крушево, реализираа низа превентивни активности во рамки на превентивните кампањи – „Безбедноста на граѓаните е наша обврска“, потоа „Слави со срце, не со оружје“... Така, во централното подрачје на Крушево и Ресен со граѓаните беше разговарано за опасноста од неовластено пукање со огнено оружје на свечености, како и за законските последици при употреба на истото, а дополнително граѓаните добија и совети и препораки за заштита од имотните деликти (измами, кражби и разбојништва).

Во делот на сообраќајот пак, полициските службеници од ОВР Крушево во текот на вчерашниот ден реализираа превентивна активност под мото „Стави појас“ каде со возачите беше разговарано за исклучителната важност по нивната безбедност и безбедноста на сопатниците од користењето на сигурносен појас при возење.