14 август 2023

Превентивна активност на ПО Македонска Каменица за заштита на шумите од пожари и бесправна сеча


Во текот на вчерашниот ден (13.08.) на подрачјето на село Цера, Македонска Каменица, од страна на полициски службеници од Полициското одделение Македонска Каменица беше спроведена превентивна активност под мотото – „Да ги заштитиме шумите од шумски пожари и бесправни сечи“. Низ разговори со месното население, граѓаните беа информирани за најчестите причини и за последиците од шумските пожари, како и за штетите од дрвокрадството по однос на шумскиот фонд и квалитетот на животната средина. Истовремено се апелираше до граѓаните за внимателност и одговорност, особено во летниот период, а посебно беше нагласена важноста од соработката на локалното население со полицијата и другите надлежни иституции. Локалното население, исто така, беше запознато и со правната регулатива која ја опфаќа оваа област, како и за пропишаните санкции кои се предвидени за прекршување на законските норми. Воедно, беше укажано да се посвети поголемо внимание и при извршување на секојдневните земјоделски работи, да не се фрлаат отпушоци од цигари и друг запалив отпад, да не палат стрништа ниту да се пали оган на отворен простор. На граѓаните им беа делени и едукативни летоци со информативни содржина за заштита на шумите од пожари и бесправната сеча на шуми.